Млекара АД Битола, најголемата млекарница во Македонија и членка На Македонска-руска стопанска комора, продолжува да вложува во врвна технологија и во зголемување на производствените капацитети. Најновата инвестиција во износ од 2 милиона евра се однесува на набавка на современа опрема за полнење ПЕТ-шишиња. Опремата е веќе доставена во Млекарницата и со неа се произведуваат Битолски јогурт, Битолски густ јогурт и Баланс+ во ПЕТ-амбалажа.
Новата „ultra clean“ машина, од најнова генерација, овозможува уште поголема сигурност и исклучителен квалитет на производите. Станува збор за флексибилна машина која може да полни различни формати на производи, во ранг од 250 г до 1 500 г. Оваа најмодерна машина има капацитет на полнење од 6 000 до 7 000 шишиња, што ќе доведе до зголемување на производните капацитети на Млекарницата за 50 отсто.
-Новата машина, која ќе го зголеми капацитетот на производството во Млекарницата, ќе овозможи, пред сè, задоволување на потребите на сè поголемиот број потрошувачи. Наша долгорочна цел е да ја одржиме лидерската позиција на пазарот, а ова можеме да го постигнеме, пред сè, ако се обѕираме на потребите на потрошувачите и со континуирано вложување во квалитетот на производите и со унапредување на производството. Благодарение на новата инвестиција, потрошувачите ќе можат да уживаат во своите омилени производи: Битолски јогурт, Битолски густ јогурт и Баланс+  во попрактичното ПЕТ-шише, – изјави Полексена Јанкуловска, маркетинг-менаџер на Бимилк.
Бимилк е лидер во производството на млеко и млечни производи во Република Македонија. Оваа година компанијата одбележува 65 години од работата. Како резултат на континуираното вложување, на подобрувањето на процесот на производство и на постојаното збогатување на своето портфолио на производи, Бимилк денес е најголемата млекарница присутна на нашиот пазар и ужива доверба на повеќе од милион потрошувачи.