ПИ „Витаминка“, членка на Македонско руската стопанска комора,   донираше 480 пакети со свои производи во Банката за храна Кавадарци. Тие ќе бидат дистрибуирани до социјално загрозени лица, кои имаат потреба од помош и поддршка.

Роберто Паризов, претставник на кавадаречката Банка за храна, се заблагодари на донацијата, во името на сите оние кои повеќе од година ипол добиваат помош и поддршка во секојдневниот живот.

 – Се заблагодарувам, од нивно и од името на сите кавадарчани, на поддршката од кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, Центарот за социјални работи, Банката за храна на државно ниво, сите оние фирми и поединци кои донираат во изминатиот период и со тоа ја покажуваат својата хуманост и солидарност, нагласи Паризов, потсетувајќи дека благодарејќи на разбирањето на градоначалникот и локалната самоуправа, во Кавадарци е обезбедено комбе со кое помошта се носи во домовите на социјално загрозените, така што тие не мораат да чекаат во ред и да се срамат пред магацинот на Банката за храна.

Претходно, „Витаминка“ донираше и 1.200 литри масло.