-Заложбите на Република Северна Македонија и на Руската  Федерација се насочени кон оддржување на традиционалните пријателски односи низ активен дијалог и со тоа темпо ќе продолжиме во иднина.Зголемувањето на економската и воопшто на вкупната соработка со Русија е наша цел, – истакна Љупчо Николовски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство во Владата на Република Северна Македонија на свеченоста и деловната средба за „Иднината на економската соработка со Руската Федерација“ по повод 14 години од основањето на Македонско-руската стопанска комора.

            И амбасадорот на Руската Федерација во Република Северна Македонија, Н.Е. Сергеј Александрович Баздникин беше дециден во своето обраќање пред членките на Македонско – руската стопанска комора и гостите на одбележување на годишнината на делованта асоцијација  во скопскиот хотел „Александар палас“:
            -Амбасадата и руските економски институции ќе ја обезбедат сестраната можна помош за унапредување на деловната соработка меѓу нашите земји.Ние сме подготвени да соработуваме толку поинтензивно колку што сакате!
            Ваквите пораки на тематската деловна среба беа поткрепени и со конкретни бројки за растот на размената меѓу двете земји на почетокот од годинава. Љупчо Николовски, истакна дека извозот на македонските земјоделски производи на рускиот пазар се одвива непречено, не постои застој при влез во Руската Федерација на македонски камиони, а извозот на нашите производи бележи континуиран пораст во изминатите неколку години. Македонските компании, според Државниот завод за статистика,  во првите неколку месеци од годинава бележат зголемување на вкупниот извоз на пазарот во Русија за 41 процент, од кои само кај земјоделските и прехранбените производи растот изнесува 90 проценти за месец јануари, споредено со истиот месец минатата година.

            -Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе  продолжи да ги поттикнува македонските компании за промоција на нашите земјоделско-прехрамбени производи на рускиот пазар, преку поддршка за нивен настап на најголемите саеми во Москва, како што се „Продекспо“ и „Светот на храната“.Воедно, министерството ќе го финансира  и „Македонски дом“ во Москва, што е вкупна финансиска годишна поддршка од 150.000 евра.„Македонски дом“ е важен не само од аспект на промоција на нашите производи, туку и за поврзување на македонските  со руските  и компании од другите држави. Паралелно, ќе работиме и на збогатување на асортиманот на македонските производи за кои има интерес на рускиот пазар, како што се македонските вина и млечни производи. – подвлече министерот Љупчо Николовски, кој додаде дека му е исклучително драго што е постигнат успех во реафирмирање на работата на Меѓувладината комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка, која последната седница ја имаше пред цели пет години.
            -Македонската страна ќе ги интензивира подготвителните активности и ќе се предложи датумот за оддржувањето на седницата на Комисијата во најкус рок.Истовремено во овој период двете страни ќе ги утврдат областите за идната соработка меѓу двете држави,-  додаде Љупчо Николовски, кој е истовремено и копретседтел на споеменатата Комисија.
Н.Е. Сергеј Александрович Баздникин изрази благодарност за поддршката за продолжување на дијалогот на заедничката Меѓувладина руско-македонска комисија за соработка со надеж дека ќе доведе до продлабочување на економските врски и интензивирање на трговијата и на инвестициските проекти.
Најави дека наскоро земјата ќе ја посетат претставници од руското Росељхознадзор за да ги решат некои од проблемите поврзани со привремена забрана за некои видови македонско овошје во Русија.
–Резултатите од работата на Македонско-руската стопанска комора се евидентни. Сепак, не треба да останеме таму каде што сме. Се уште имаме значителен нереализиран потенцијал за соработка, – рече Баздникин.

– Според информациите добиени од стопанствениците, а гледајќи ја вкупната статистика станува јасно дека и во иднина мораме да се потрудиме во намалувањето на големиот финансиски дефицит во трговската размена со Русија и тоа во услови на сложена економска состојба во светот. Токму тоа е нашиот мотив за посилен поттик на македонските извозници кон рускиот пазар, особено на производителите на земјоделски производи – спомена Ѓорѓи Дика,  претседателот на Македонско-руската стопанска комора.
Според м-р дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско – руската стопанска комора,   за идниот период се  планира опсервација и посета на руските региони и на тој начин отварање на можности за поголем пласман на македонски производи во одделни делови на Русија.
-Во соработка со партнерските комори од Руската Федерација, Амбасадата на Руската Федерација во нашата земја, но и Амбасадата на Република Северна Македонија во Руската Федерација, ќе можеме аргументирано да покажеме дека нашите производи ги има на дофат на рака во Руската Федерација,  не само во Москва,  туку и во внатрешноста,  и дека секој кој е заинтересиран ќе може истите да ги види на самото  место во Македонскиот изложбен дом. Со еден збор, заедно со државата отвараме можности во Москва и во регионите, а компаниите се на потег да ги искористат! – порача м-р Дејан Бешлиев.
                                                            Саво Пејчиновски