Уште една општествено одговорна компанија се приклучи кон активностите на општина Центар за месечна помош на семејства со висок социјален ризик.
„Свислион“ ДОО од Скопје, членка на Македонско-руската стопанска комора,  е последниот партнер на општина Центар и „Банка за Храна МК“ во подготовка на месечните пакети кои ги општината ги доставува до оние граѓани на кои оваа поддршка им е најпотребна.
Општина Центар, Трговското друштво за прехранбена индустрија „Свислион“  и невладината „Банка за Храна МК“ потпишаа Меморандум за соработка во  активностите поврзани со проектот „Нула Глад“. Проектот „Нула Глад“ е проект кој општината го реализира во соработка со невладината организација „Банка за Храна МК“. Проектот има за цел помош и поддршка на социјално загрозени семејства и преку него општината дава свој придонес во справувањето со сиромаштијата и гладот.
-Благодарност до управителот на „Свислион“, Александар Јаниќ и до компанијата, кои со овој чекор служат за пример и на други компании, да бидат општествено одговорни и да придонесат во секојдневните општествени процеси , – изјави градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.
Со проектот „Нула Глад“ во Општина Центар, по претходно добиен список од Министерството за труд и социјална политика, 150 семејства со висок социјален ризик месечно добиваат пакети со храна и хигиенски производи.
„Свислион“ со потпишувањето на меморандумот за соработка им се приклучи на досегашните партнери во проектот: маркетите „Рамстор“, „Кам“, „Веро“, „Тинекс“, „Жито Маркети“, „Стокомак“ и „Гранап“.