Во текот на минатата година Комерцијална банка АД Скопје, членка на Македонска-руска стопанска комора, оствари нето добивка во износ од 779,4 милиони денари (12,6 милиони евра) наспроти 525,1 милион денари (8,5 милиони евра) остварена нето добивка во минатата година. Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето е за 4,4% повисока во однос на 2015 година што се должи во најголем дел на зголемувањето на останатите приходи од дејноста и нето-приходите по основ на курсни разлики, при истовремено намалување на останатите расходи од дејноста и амортизацијата, покажува консолидираниот биланс на успех објавен на Македонска Берза.
Вкупните приходи од работењето изнесуваат 4.686,1 милион денари и бележат зголемување од 2,7% во однос на минатата година.
 Нето-приходите од камата претставуваат основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето и истите бележат намалување од 3,1% во однос на истиот период од минатата година. Планот е исполнет со 97,2%.
 Нето приходите од провизии и надоместоци на 31.12.2016 година изнесуваат 864,3 милиони денари и во однос на состојбата од крајот на минатата година бележат намалување од 3,7%. Планот е остварен со 95,6%.
 Нето приходите од курсни разлики на 31.12.2016 година изнесуваат 133,3 милиони денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 21,6%. Планот е остварен со 122,3%.
 Останатите приходи од работењето на Банката на 31.12.2016 година изнесуваат 552,1 милион денари и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од 66,4% главно како резултат на повеќе наплатени претходно отпишани побарувања и остварена поголема капитална добивка од продажба на преземен имот по основ на ненаплатени побарувања споредено со минатата година. Планот е остварен со 85%.
 Оперативните расходи за периодот 01.01-31.12.2016 година изнесуваат 1.712,4 милиони денари и во однос на истиот период минатата година се намалени за 0,2% како резултат на намалените амортизација и останати расходи од дејноста. Планот е остварен со 96,5%.
 Исправката на вредност на финансиските средства на нето основа на 31.12.2016 година достигна износ од 1.753,5 милиони денари и во однос на истиот период минатата година бележи зголемување од 1,5%. И покрај планираното натамошно влошување на кредитите на правни лица, нето-исправката на финансиските средства за 2016 година е зголемена и како резултат на неочекувано влошување на состојбите кај одредени корпоративни клиенти.
 Загубата поради оштетување на нефинансиските средства на нето основа достигна износ од 347,8 милиони денари и бележи намалување од 34,7% во однос на претходната година. Поголемиот дел од евидентираното оштетување се однесува на имотот преземен по 01.01.2010 година и дел се однесува на оштетување на имот преземен до 01.01.2010 година, чија нето-вредност согласно регулативата е сведена на нула. Планот е исполнет со 88,5% поради реализирани продажби на преземениот имот во текот на годинат.
Во 2017 година макроекономските услови во кои Банката ќе ја остварува својата активност се очекува да бидат постабилни и со помала неизвесност во споредба со 2016 година. Растот на македонската економија, по забавувањето во 2016 година, се предвидува дека повторно ќе забрза. Се очекува и стабилизација на политичкатаситуација со што ќе се зголеми предвидливоста за идните економски случувања.
Во претстојниот период Банката ќе ги презема сите неопходни активности за
остварување на зацртаните цели и задачи во рамки на Програмата на мерки иактивности на деловната политика за 2017 година, при што ќе биде фокусирана пред се’ на подобрување на квалитетот на портфолиото. Растот на кредитната активност на Банката се очекува да биде умерен, при што не се планираат значителни промени во структурата на активата. Исто така не се планирани значителни промени во структурата на изворите на финансирање, така што депозитите на нефинасискиот сектор и натаму остануваат со доминантно учество во вкупните извори на средства.
Во текот на 2017 година се очекува да се спроведат дополнителни активности за дорезервирање на кредитните изложености кон клиенти, кај кои во изминатите годинисе забележани трендови на влошување на финансиската состојба и нередовност во измирувањето на обврските, како и понатамошно оштетување на преземениот имот согласно регулативата на НБРМ и целосно усогласување со регулаторните лимити.