Царинската управа на Република Македонија ја завршила 2016 година со вкупно остварени приходи од 72,9 милијарди денари (околу 1,1 милијарди евра), што е за 8,5 отсто, односно за 5,7 милијарди денари (92 милиони евра) повеќе од приходите во 2015 година.
-Ова претставува значителен успех при наплата на давачките во надлежност на Царинската управа, а тоа се давачки при увоз (царина, данок на додадена вредност, акцизи и надоместоци) и наплата на акциза не само при увоз, туку и во внатрешен промет“ – соопшва Царинската управа.
Во 2016 година Царинската управа наплатила за 5,5 отсто, односно за 3,8 милијарди денари (61,7 милиони евра) повеќе од планираното.
-За 2016 година беше планирано да се наплати 69,5 отсто од даночните приходи во буџетот на Република Македонија, а наплатени се 73,3 отсто од нив. Во однос на реализираните приходи во 2015 година, во 2016 година остварено е значително зголемување на наплата на сите видови давачки. Ова зголемување е остварено при зголемување на вредноста на увозот од само 1,8 отсто, – се наведува во соопштенито на македонската Царина.
Во 2016 година било наплатено:
  • 42,1 милијарда денари од ДДВ, што претставува за 6,5 осто, односно за 2,56 милијарди денари, повеќе од наплатата во 2015 година;
  • 4,76 милијарди денари од царинење, што претставува за 9,9 отсто, односно за 0,4 милијарда денари повеќе од наплатата во 2015 година;
  • 25,4 милијарда денари од акцизи, што претставува за 11,7 отсто, односно за 2,67 милијарди денари повеќе од наплатата во 2015 година;
  • 0,68 милијарда денари од надоместоци, што претставува за 8,4 отсто, односно за 0,53 милијарда денари повеќе од наплатата во 2015 година.
Зголемената наплата на приходите, како што информираат од Царинската управа, се должи на повеќе фактори, односно на зголемена финансиска дисциплина на сите учесници во трговијата, подобрување на системот за управување со ризик на Царинската управа при увоз, контролите кај компаниите по завршена постапка, односно постконтроли и подобрувањето на интерните контролни системи.
Од Царината истакнуваат и дека во последните две години, процентот на физички преглед на стока е намален од околу 30 отсто на приближно 8,5 проценти. Тоа е постигнато со подобрување на системите за управување со ризик, односно прецизно насочување на контролите кон ризичните пратки каде се можни неправилности. Така, во 2014-та година, просечно време за спроведување на увозна постапка беше 89 минути, а во третиот квартал на 2016-та беше 62 минути.