*Во ситуација на пандемија на коронавирусот значајно опаѓа трговската размена на земјава со светот, но истовремено расте со Руската Федерација.На што се должат ваквите трендови во трговијата меѓу двете земји?

Од аспект на Македонско-руската стопанска комора во движењето на обемот на трговската размена на земјава со светот има неповолна и поволна вест или тенденција. Неповолната тенденција се гледа во штотуку објавените податоци на Државниот завод за статистика  за тргувањето до крајот на месец мај  и таа сигнализира дека драматично опаѓа обемот на размената на земјава со светот.Имено, македонскиот извоз е намален  за 27,4 отсто во однос на истиот период лани (македонските компании за  пет месеци од годинава пласирале стока во светот во износ од 2,15 милијарди САД долари),  додека увозот е со минус од 22,9 отсто (вредносно тој ја достигнал сумата од 3,01 милијарди САД долари).

Поволната, односно добрата вест за нашата деловна асоцијација е фактот дека продолжува растот на вкупниот обем на  трговска размена меѓу Репулика Северна Македонија и Руската Федерација и покрај тешката здравствена криза што владее во двете земји. До крајот на мај трговијата меѓу македонските и руските компании достигнала вредност од 96,8 милиони САД долари (лани во истиот период 79,7 милиони САД долари) и бележи раст од 21,5 отсто. Македонскиот извоз е повисок за близу високи 30 отсто или поточно 29,6 отсто, бидејќи е пласирана стока во износ од  20,8 милиони САД долари во однос на 16,1 милиони САД долари, колку што беше забележано во првите пет месеци  лани. Увозот од Русија е зголемен за 19,4 отсто. Македонските компании купиле стока од руските партнери во периодот јануари-мај во висина од 75,9 милиони САД долари, додека лани во истиот период таа бројка изнесувала 63,6 милиони САД долари. Притоа, останува фактот дека земјава констатно остварува дефицит во размената со Русија, кој во изминатиов период го достигнал износот од 55,1 милиони САД долари. Тоа е своевидниот  „црвен трепкач“ кој постојано не потсетува дека на овој голем пазар мораме што повеќе да извезуваме, за да можеме да се движиме кон врамнотежување на размената и покривање на увозот на енергенси од Русија со извоз на домашни производи.

Значи, може лесно да се забележи дека растот на македонскиот извоз со Руската Федерација е светла точка во размената на земјава во услови на светска пандемија. Причината што вкупната размена забавува, а веројатно тој тренд  ќе продолжи, е што целиот свет „застанува“ заради справувањето со коронавирусот. Од друга страна, во однос на Руската Федерација македонските производители и трговци и во вака тешки услови ги жнеат резултатите на долгогодишните напори на освојување на овој пазар со квалитетни производи. Сигурни сме дека и во летниот период македонскиот извоз во оваа земја ќе расте, особено на земјоделските производи. Притоа, во целиот овој процес на пробивање на компаниите на  исклучително пробирливиот  руски пазар  улогата и асистенцијата на Македонско-руската стопанска комора беше исклучително значајна и затоа сме  горди на зголемување на извозот во овој дел на светот.

*Кои се производите што македонските компании ги пласираа  на големиот руски пазар во овој момент и какви се проценките и  очекувања во периодот што следи?

Со години наназад една од главните извозни гранки е фармацијата и, секако,  земјоделските производи и извозот на вино. Македонските компании од овие индустриски сектори, ги задржаа, дури и ги зајакнаа, своите позиции кај руските купувачи и покрај тешките и рискантни услови за пласмани на светско ниво. Сепак, морам да подвлечам дека се повеќе во руските маркети и трговски синџири се присутни и производителите од преработувачката и од кондиторската индустрија. Ова е особено значајно заради тоа што придонесува за диверзификација на македонската понуда на рускиот пазар.

Очекуваме во летните месеци да продолжи интензивно пласманот на македонски земјоделски производи, како што се праските, нектарините, сливите, црешните, јаболките, доматите… производи кои се ценети кај руските граѓани. Тоа е значајно и за домашните производители, бидејќи повеќе од третина од овдешните пазарни вишоци на земјоделски производи патуваат во оваа земја. Притоа мора да бидеме свесни дека Русија, заради воведените санкции од страна на западните земји, станува се поголем производител на земјоделски производи, па македонските извозници ќе мора посебно да внимаваат на задржување на веќе препознатиот квалитет и на конкуретни цени.

Подолгорочно, по надминување на здраствената криза,  на рускиот пазар ќе треба да се искористуваат можностите на нашето поднебје. Овојпат, посебно би го издвоил производството на органски производи. Оваа проценка ја базирам на најновите трендови и интерес на руските потрошувачки, како и на законските прописи кои Руската Федерација ги донесе во однос на увозот на прехрамбени производители.

 Очекуваме повторно да стане актуелен извозот на текстилни производи, што би било посебно значајно за македонската текстилна индустрија која се судира со сериозни тешкотии и откажување на договорите со западните партнери. Шанси имаат и компаниите од информатичко – компјутерската технологија, туризмот, проектанските бироа…Но, на сите оние кои планираат и во иднина би се обиделе да влезат на овој пазар морам да споменам дека им е потребен сериозен пристап, истражување на пазарот, маркетиншки настап, бидејќи се работи за земја во која стандардите за квалитет во многи области се повисоки отколку во западните развиени земји. Во сето ова на компаниите на услуга им стои Македонско-руската стопанска комора, деловна асоцијација која веќе е докажан  мост за зголемување  стопанска соработка меѓу двете земји.

*Со какви актуелните проблеми во актуелната  здраствена криза се судираат македонските компании при реализација на извозните зделки на пазар и каква поддршка во овие услови  добиваат од Македонско-руската стопанска комора?

Имајќи предвид дека во овој период нашиот извоз е базиран на земјоделски и фармацевтски производи, нема поголеми проблеми во реализација на извозните зделки. На почетокот на кризата не беше јасно на кои начин ќе се одвива траспортот, но во овој момент тоа прашање е надминато. Цените на транспортот, секако, пораснаа и се многу повисоки во однос на периодот пред кризата, но засега тие не влијаат на конкурентската позиција на овдешните извозници.

 Македонско – руската стопанска комора е во постојан контакт ос своите членки – извозници и својата поддршка ја нуди при потреба од комуникација со официјалните претставници, како со македонското Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Амбасадата на РСМ во РФ, но и  со претставниците на Амбасадата на Руската Федерација во нашата земја, и исто така со Руската служба за контрола при увоз на прехрамбени производи – Россељхознадзор. Ова е особено значјано ако се земе предвид дека  минатата година  имаше забрана на извозот на нашите коскести производи. Благодарејќи на заедничкиот труд со погоре спомнатите институции и, секако, со извозниците, проблемот беше надмина и засега извозот на коскести производи се одвива непречено. Но, и овојпат упатувам порака и укажување  на нашите членки да продолжат да ги почитуваат прецизните упатствата од руската страна,  со цел непречено македонското овошје и зеленчук без поголеми проблеми да стигне на трпезите на руските граѓани..

*Во септември  на големите саемски манифестации  „Ворлд Фуд“  и во февруари на „Продекспо“ во Москва традиционално македонските компании вршеа промоција на своите производи во Русија и ги потпишуваа договорите со руските партнери.Каква е состојбата со нивното одржување и што може да се очекува?

Ако денес зборуваме за зголем извоз на македонски производи на рускиот пазар дефинитивно една од најголемите улоги за таквиот резултат ја има заедничкиот проект кој го започнавме уште во 2009 година со агенцијата Аг-биз, а кој потоа продолжи со финансиска поддршка на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство,  односно Владата на Република Северна Македонија. Промоцијата на земјата и нејзините производи на овие саемски манифестации, во прв ред земјоделските на „Ворлд фуд“, а потоа на виното и млечните производи на „Продекспо“, несомнено, е еден од најдобрите начини за пробив на овој пазар и кои донесоа одлични извозни резултати.

Само како илустрација ќе напоменам дека извозот на земјоделски производи од земјава во Русија во 2009 година изнесуваше околу 9 милиони САД долари, за да сега ја достигне бројката од околу 42 милиони на годишно ниво, близу пет пати повеќе. Или, состојбата со извозот на вино, кое изнесуваше  околу 200 илјади шишиња во 2011 година и порасна на околу 2 милиони шишиња во мината година. Во 2012 година имавме само еден извозник од преработувачката индустрија на рускиот пазар, а сега свои производи пласираат уште 5 други македонски компании.

Затоа ни е многу значаен настапот на овие саемски манифестации и сигурни сме дека со Национален штанд повторно ќе се појавиме во Москва, кога ќе се стекнат услови за нивно организирање по завршувањето на здравствената криза во светот..

*Како во новите услови ќе делува „Македонски дом“, компанија која е формирана во Москва за поддршка на пласманот на македонските производи на рускиот пазар?

Покрај саемските манифестации,  уште една алатка која  Македонска -руска стопанска комора ја стави на располагање на македонските извозници за настап на рускиот пазар беше  отварањето на „Македонски дом“ во 2017 година. Во прашање е компанија која е формирана со подршка на Амбасадите на двете земји, и е во функција на зголемување на македонскиот извоз во оваа земја. Овој проект како значаен за македонските извозници го препозна и државата, па финансиски го поддржа Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. За прв пат се случи македонски производи да се наоѓаат на самото место во Москва и да можат полесно да дојдат до руските дистрибутери.

Согласно новонастанатата состојба, ние одлучивме работата на „Македонски дом“ да ја (ре)организираме  според новата бизнис реалност. Па така,  креираме интернет портал на Домот и отварање на канал на Јутјуб  на кој македонските производители ќе можат директно самостојно да се рекламираат и да ги нудат своите производи пред руските купувачи. Многу брзо очекуваме да заврши изработката на Јутјуб каналот за што дополнително ќе ги известиме членките и домашната јавност.

*Каква е Вашата порака за македонските бизнисмени кои се присутни на рускиот пазар и оние кои се подготвуваат да тргнат по купувачи во овој дел на светот?

Размислуваме позитивно и убедени сме дека оваа пандемија,  која на сите ни го промени начинот на живот и работа, светот со помош на науката и извонредниот ангажман на сите здравствени работници, ќе биде надмината до почетокот на идната календарска година.  Ги храбриме  нашите производители и извозници да ги издржат овие тешки моменти, се обидуваме со сите расположиви можности да им помогнеме, но сигурни сме и очекуваме дека идната година  „после дождот ќе дојде сонце“  и дека ќе склучат нови и поголеми договори со руските партнери.

Македонско-руска стопанска комора оваа година кон средината на март го прослави значајниот јубилеј  –  15 годишнината од постоењето во сенка на големата пандемија и сериозната здраствена криза. Посебно ме радува фактот што членките на оваа деловна асоцијација  во вакви услови уште повеќе се зближија, се мобилизираа и организираа и во вака тешки моменти успејаа да го зацврстат „мостот за стопанска соработка меѓу двете земји“, што е всушност основната цел и мото на Македонско-руската стопанска комора.

                                    Саво ПЕЈЧИНОВСКИ