Како лидер на пазарот, компанијата бележи рекордни резултати во продажбата на некои категории како на пример чоколадното млеко и павлаката, но бележиме и пораст во волумени од 3,8% во категоријата функционални јогурти и 2,4% во категоријата кисело млеко во однос на 2017 година.Во однос на производството, годината што изминува е рекордна по однос на количините на преработено млеко, вели Ѓорѓи Петрушев , генерален директор на Млекара АД Битола, членка на Македонско-руската стопанска комора во интервју за весникот „Вечер“.
Бимилк е најголемата млекарница во Македонија и истовремено најголем производител на млеко и млечни производи кои секојдневно ги задоволуваат потребите на повеќе од милион потрошувачи. Какви се финансиските резултати од работењето во 2018 година и со колкаво вкупно производство ја завршивте минатата година?
И во 2018 година Бимилк останува број 1 млекопреработувач во земјата. Она што е интересно како податок и би сакал да го споделам е дека Млекара Битола всушност е двигател и на севкупното млекопроизводство во Република Македонија, придонесувајќи со раст на вкупниот млечен пазар во однос на минатата година, а со тоа секако и на севкупната економска слика на дејноста.
Како лидер на пазарот, компанијата бележи рекордни резултати во продажбата на некои категории како на пример чоколадното млеко и павлаката, но бележиме и пораст во волумени од 3,8% во категоријата функционални јогурти и 2,4% во категоријата кисело млеко во однос на 2017 година.
Во однос на производството, годината што изминува е рекордна по однос на количините на преработено млеко. Се на се, би рекол дека 2018 беше исклучително успешна година за нас од сите аспекти на работењето на млекарницата, со позитивен раст на продажбата и секако, во насока на поставената годишна стратегија.
Производите на Бимилк се продаваат не само на домашниот пазар туку и во земјите од регионот. Можете ли да посочите колкав процент од вашето производство е наменето за Македонија, а колку за другите држави и кои се вашите идни цели, на кој пазар дополнително се подготвувате да атакувате?
Годинава донесе значителен раст за компанијата токму и во поглед на извозните количини, при што клучни за нас се земјите од регионот Косово, Албанија и Србија. Покрај тоа, компанијата повторно ги отвори вратите и кон Црна Гора, со извоз на киселомлечни производи, кои се исклучително прифатени од страна на потрошувачите. Ова е одредена промена во однос на минатите години кога се извезувани производи и во САД, но истовремено и пазарните прилики се поинакви. Тоа не значи дека во даден момент во иднина, нема повторно да се вратиме и на пазарите подалеку од регионот.
Досега навистина имаме постигнато одлични резултати од вложувањето во производството на млеко во земјата, па токму затоа планираме и продолжување на овие проекти, но планираме да продолжиме и со други инвестиции кои ќе се однесуваат на подобрување на перформансите на нашето работење, а секако и на обезбедување сигурен пласман на нашите производи на странските пазари. Новите инвестиции ќе бидат наменети, пред се, за зголемување на капацитетите, за постигнување оптимална ефикасност, за стимулирање на производството на домашно сурово млеко итн., и сето ова е во насока на поддржување на нашите амбициозни планови за извоз, но секако и со цел да создадеме и одржиме производ и бренд кој е рамо до рамо со светските брендови и кој и понатаму ќе ја оправдува довербата на нашите лојални потрошувачи и ќе ја одржува лидерската позиција на компанијата на пазарот.
Каква е соработката со млекопроизводителите, дали сте задоволни од квалитетот на млекото?
Успешната соработка со млекопроизводителите од секогаш била и ќе биде еден од главните стратешки приоритети за нашата компанија. Бимилк исклучително инвестира во стимулација и поддршка на своите фармери кооперанти. Стимулативни мерки се многу, почнувајќи од вложувањето во современа опрема и технологија за преработка на млеко и континуираната едукација на фармерите, преку набавката на сточна храна, механизација и опрема, па се до увоз на јуници од Европската унија и секако навремената исплата, Бимилк долгорочно ги гради партнерските односи со своите кооперанти и успева да се соочи и со предизвикот за се поголема потреба од квалитетна сировина.
Од аспект на квалитетот на суровината би рекол – да, апсолутно сум задоволен. Ние сме најголемиот откупувач на сирово млеко и за нас како компанија исклучително е важен квалитетот на примарната суровинска база, како би можеле да гарантираме здрави и безбедни крајни производи на полиците. Млечниот пазар генерално во Македонија се соочува со сериозен предизвик за обезбедување на квалитетно сирово млеко, меѓутоа една од мерките кои ги применуваме е токму континуирано вложување и во квалитетот на сировината преку повеќе различни начини и постојани едукации за нашите фармери. Актуелна е и неодамнешната панел-дискусија која ја одржавме за нашите најголеми кооперанти во пресрет на новата законска регулатива за категоризација на фармите, со цел навремено да ги запознаеме со начините како би можеле да ги подобрат своите фарми и квалитетот на нивното сурово млеко, секако во насока на исполнување на предвидените критериуми за категоризација на фармата. Имено, законските одредби ќе наложат дека само млекото од фарми рангирани во прва категорија ќе може да се преработи во консумни производи, па токму затоа започнавме со серија активности за нивна поддршка, со цел да ја подобрат состојбата на своите фарми и полесно да бидат рангирани во прва категорија, во колку што е можно поголем број.
Млекара Битола ќе продолжи и понатаму да ги стимулира своите фармери да инвестираат во нивниот бизнис, без разлика дали се работи за подобра земјоделска механизација наменета за производство на сточна храна, подобра шталска и молзна опрема, млечни грла стока со подобра генетика или автоматизација и компјутеризација на нивните фарми. Всушност, со инвестирање во иднината на своите фармери, Млекара Битола инвестира и во својата иднина, па затоа и ќе останеме доследни на определбата да ги поддржиме сите оние кои ќе изразат јасна намера и желба да работаат заедно со нас на унапредување на своите фарми. Меѓу другото, компанијата обезбедува и средства кои им ги става на располагање на фармерите, со цел да придонесеме за поголема продуктивност, економичност, а со тоа и поголема профитабилност на фармите, и тоа под услови кои се сосема прифатливи за нив.
Всушност, ние сме единствената млекарница во Македонија која финансира ваков раст на основната сировина на млечната индустрија користејќи го сопствениот финансиски потенцијал, се со цел да се подигне производството и квалитетот на сурово млеко во Македонија.
Дали годинава ќе ја збогатите вашата палета на производи, можеби ексклузивно за „Вечер” можете да не информирате што подготвувате или пак можеби планирате технички да се модернизирате?
Од аспект на иновации и новости, 2018 година беше одбележана и со лансирање на два нови производи, односно Баланс+ крем јогуртите и новото кравјо Екстра кисело млеко, со цел задоволување на различните вкусови на своите потрошувачи и се поголемата побарувачка. И двата производи беа навистина одлично прифатени од страна на потрошувачите и наша долгорочна цел е да не престанеме со континуитетот и во иднина да продолжиме да работиме на иновации и современа модернизација на производствениот процес.
Новите производи нека бидат мало изненадување за потрошувачите, но би можеле да кажеме дека ќе бидат освежувачко збогатување на понудата, на нивно задоволство.
Што беше вашиот предизвик да од бизнисот со вино поминете во бизнисот со млеко, бидејќи заедничко и за двете дејности е здравата храна?
Во основа, можам да најдам голем број аналогии, пред се, од аспект на деловното опкружување, условите и предизвиците. Навидум се работи за две сосема различни индустрии, не само по карактерот на производите, туку и по динамиката на активностите, но голема сличност гледам токму во производството на здрав и безбеден производ, како и во суровинската база неопходна за обезбедување на истиот. Суровината и во млечната и во винската индустрија е доста дисперзирана. Конкретно млечниот пазар во најголем дел се состои од мали семејни фарми кои се соочуваат со проблемот на малата економија на обем и постојан предизвик да се постигне и одржи потребниот квалитет на сирово млеко, меѓутоа има и примери на големи фарми, кои се развиваат и делуваат според бизнис принципи и кои претставуваат добар пример во која насока треба да се развива сточарството. Слично е и во винарството, имаме неколку субјекти кои вложуваат во својот техничко-технолошки развој и се на некој начин носители на дејноста, со постојани иновации во производството и продажбата. Во секој случај, би рекол дека претходните искуства се многу релевантни и корисни во справувањето со секојдневните предизвици што ги наметнува водењето на една компанија како што е Млекарница АД Битола.