Се повеќе инвеститори ја откриваат профитабилноста од инвестирањето во Руската Федерација, – изјави неодамна американскиот инвеститор и мултимилијардер,   Џим Роџерс. Тој и самиот е подготвен да ги прошири своите инвестиции во руската економија, особено во нафтениот и туристичкиот секор.

Како што објави „Ројтерс“, Џим Роџерс е подготвен да купи акции од нафтената компанија „Башњефт“ и од компанијата за производство на дијаманти „Алроса“.

-Сигурен сум дека тоа ќе биде добро вложување, – споменува тој, но со забелешка дека треба да провери да не се овие компании под санкции. – Јас сум американски граѓанин и треба да сум претпазлив.

Покрај тоа, американскиот богаташ планира да инвестира и во руската аграрна индустрија и во туристичкиот сектор, додавајќи дека „оптимистички гледа на рускиот туризам“.

Џим Роџерс веќе има удели во авиокомпанијата „Аерофлот“, во Московската берза и во компанијата „ФосАгро“.Тој вложи пари и во државни обврзници.

-Пред извесно време купив краткорочни руски обврзници, а би купил и повеќе да имам такви можности, – раскажува тој споменувајќи дека инвестира само во обрзници во рубљи.

-Се поголем број бизнисмени сфаќаат дека Русија е добро место за инвестирање, наведува Роџерс, – бидејќи оваа земја не е оптоварена со долгови, за разлика од САД или Португалија.

-Руската економија има потешкотии….Меѓутоа, на САД му претстои голем пад. На Германија се уште не и се случило поголемо опаѓање. Кога ќе дојде тој ден, тие ќе паднат полошо отколку Русија, каде што кризата веќе поминува, – прогнозира Роџерс.

Разговорот на американскиот бизнисмен и инвеститор за „Ројтерс“, што го пренесува и руски „Спутњик“, го отсликува се пораширеното мислење во светските деловни кругови. Деновиве е пренесено и мислењето на експертите на Меѓународниот монетарен фонд, дека во Русија наскоро ќе почне да се обновува економскиот раст. Ова го пишува германското издание на „Дојче Виртшафтс Нахрихте“. Изданието се повикува на полугодишниот извештај на ММФ за Централна, Источна и Југоисточна Европа.

Во него се вели дека Русија може во најскоро време да излезе од рецесија и да ја обнови тенденцијата на пораст. Тоа може да се случи догодина. Засега економската состојба во земјата е сѐ уште кревка. Русија страда од ниските цени на нафтата и поради санкциите од страна на Западот заради кризата во Украина, се вели во извештајот, што го пренесува „Росискаја газета“.