Русија и Турција ќе имаат консултации во текот на следните две недели за изработка на распоред за отстранување на големиот број на трговски ограничувања, пренесе ТАСС, повикувајќи се на информација поставена на сајтот на Владата на Русија

Информацијата е „постирана“ по средбата на рускиот вицепремиер Аркадиј Дворкович со турскиот вицепремиер Мехмет Шимшек.

Во разговорите вицепремиерите констатирале дека има заеднички стремеж за отстранување на големиот број на ограничувања во трговијата меѓу двете земји кои постојат во моментов и тоа да се направи во максимално кратки рокови.

Исто така, беше изнесено општото уверување дека за некои деликатни прашања ќе биде потребно етапно разрешување. Во текот на следните две недели ќе бидат спроведени интензивни консултации за изработката на распоред за понатамошната активност, се вели во пораката од разговорите.

За време на средбата Дворкович истакнал дека руската страна очекува од турските партнери укинување на ограничувањата за пласманот на жито во Турција воведени оваа година, се вели во текстот.

На средбата учествувале и министрите за енергетика на Русија и Турција – Александар Новак и Нихат Зеибекчи, информира ТАСС.

Турција е вториот по големина купувач на руска пченица и главен извозник на свежи производи во Русија. Ограничувањата беа наметнати кон крајот на 2015 година, кога Турција собори руски борбен авион во близина на границата, поради што Русија воведе забрана за увоз на некои прехранбени производи. Односите почнаа да се подобруваат, но во последно време тие повторно се влошија, бидејќи Русија не ги симна ограничувањата на увоз на некои стоки, како, на пример, за домати, краставици и јаболка. Истовремено, Турција вовоеде високи царински давачки за увоз на руската пченица.Во моментов дел од меѓусебната трговија се врши преку трети земји, па граѓаните на двете земји плаќаат повисоки цени на производите.