Во рамки на пролетниот дел од најголемиот вински натпревар во Германија – „Мундус Вини“, сите пет пријавени вина од винарската визба „Тиквеш“, членка на Македонска-руска стопанска комора, освоија медали, и се закитија со 3 златни и 2 сребрени медали.
Оваа година, златни медали на овој престижен светски вински натпревар освоија црвените вина: „Вранец Спешл Селекшн“ и „Барово“ од бербата во 2015-та, како и „Домен Лепово Пино Ноар“ од бербата 2014-та. Доделени се и два сребрени медали за црвеното „Каберне франк Спешл Селекшн“ и белото „Домен Лепово Шардоне“, и двете од бербата во 2016-та година.
Од поширокиот регион, покрај петте медали за вината на „Тиквеш“, на овој натпревар наградени се уште дополнителни четири вина од Македонија, исто толку со потекло од Хрватска, како и две вина од Србија.
-Среќни сме и горди на овој најнов успех на нашите врвни вина. Бројот и квалитетот на добиените медали, како и фактот што тие се освоени во исклучително голема и остра конкуренција на вина од целиот свет, јасно покажува дека сме на регионална водечка позиција и уште еднаш ја потврдува нашата репутација како најрепрезентативен производител на автентични врвни вина од целиот регион“, истакна во оваа прилика генералниот директор на ВВ „Тиквеш“, – Игор Илиевски.
Винарската визба „Тиквеш“ секоја година освојува и по повеќе од 50 признанија, високи оценки од светски познати критичари и медали на најпознатите светски вински натпревари со што го потврдува епитетот најнаградувана винарница од земјава, но и од целиот регион на Југоисточна Европа.