Вината на Винарската визба „Тиквеш“ и „Домен Лепово“ освоија пет високи награди на меѓународни специјализирани вински натпревари кои се одржаа во текот на месец јули во Италија и Словенија.
На винскиот натпревар „MONDIAL DES VINS EXTREMES“ кој се одржа во Италија, винарската визба „Тиквеш“ беше наградена со две златни медали за своите врвни вина, „Барово (црвено)“ од бербата 2015-та и „Барово (бело)“ од бербата 2017-та. Овој вински натпревар важи за единствен интернационален натпревар на кој се избираат најдобрите вина од грозје одгледувано во специфични природни услови, како што се голема надморска височина, исклучително стрмен терен и други карактеристики. Меѓудругото, цел на натпреварот е промовирање и заштита на вина од лозарски области кои имаат своја дистинктивна историја, традиција и уникатност, како и култивирањето локални сорти на лозови насади. Ова е уште една потврда дека Барово е локација со исклучителни услови за одгледување грозје, уникатна во светски рамки и со огромен потенцијал за создавање неповторливи автентични вина.

На словенечкиот меѓународен саем за вино „Вино Словенија“ кој се одржа во Горна Радгона, црвеното вино „Domaine Lepovo Grand Cuvée“ се закити со шампионска титула во својата категорија. На истиот натпревар златен медал освои црвеното „тероар“ вино „Барово 2015“ на Винарската визба „Тиквеш“, а сребрен медал беше доделен на црвеното вино „Бела Вода 2015“.
Освоените награди на меѓународни вински натпревари се резултат на конзистентниот и висок квалитет на вината на „Тиквеш“ и „Домен Лепово“, кои придонесуваат за сѐ поголемо зацврстување на репутацијата на интернационалниот пазар, како на самите вински брендови, така и на Македонија како земја во која се произведува вино со висок квалитет.
Од најголемата винарија во Југоисточна Европа стигна уште една вест – седиштето на Винарската визба „Тиквеш“, по десет години, повторно се враќа назад во Кавадарци.Генералниот директор на ВВ „Тиквеш“ вели дека природно е таа да биде базирана во својот матичен град.
-По извесно време, по одредени анализи во насока на намерата на компанијата да придонесе за локалниот економски развој, управата одлучи седиштето да го префрли во градот Кавадарци.Со тоа веруваме дека ќе ја интензивираме соработката со лозарите и другите винарници, но и со самиот град и со градоначалникот. Веруваме дека заеднички можеме да придонесеме во низа инфракструктурни и развојни проекти, како развој на туризмот, винскиот туризам и првенствено винарството. „Тиквеш“ е најголемата винарница во Македонија и тоа го може, –  порача Вукичевиќ.
За градоначалникот на Квадарци, Митко Јанчев ова е прекрасна вест за лозарите и  за градот. Винарската визба „Тикве“ е компанија од големо значење за општина Кавадарци, пред сè, поради големата соработка со лозарите.
-Лозарството е најзначајна и најзастапена гранка во Тиквешкиот Регион и заслужува големо внимание. Речиси секое кавадаречко семејство поседува обработлива земја на која одгледува винова лоза. Седиштето на „Тиквеш“ подолг период е во Скопје, сè до денеска. Со заеднички договор со Управниот одбор на Винарската визба „Тиквеш“, компанијата одлучи седиштето да го врати во Кавадарци. Одлуката ќе влијае врз соработката со граѓаните на Кавадарци и лозаропроизводителите и ќе придонесе кон локалниот економски развој. Од големо значење е тоа што бизнис-секторот на Кавадарци се збогатува со уште една компанија која е симбол за општината, – оцени  Јанчев.