Учесниците во доменската индустрија развија нацрт-меморандум за интеракција и координација на активности за формирање на национален доменски именски систем во рамките на законот за одржлива работа на Рунет, -изјави пред новинарите директорот на Центарот за координација на домени .RU / .РФ (КК, администратор на национални домени на највисоко ниво .RU и .РФ) Андреј Воробјов.

Домен е назнака за идентификација која дефинира граници на административна автономија и авторитет или контрола во Интернетот, заснована на системот за именување на домени („DNS“). Најдобар пример се највисоките интернет домени: com, net и org. Интернет домените се користат во разни цели, на пример за вмрежувања и именувања специфични за апликациите како и за адресирање.

Рускиот претседател Владимир Путин на 1 мај потпиша закон чија цел е заштита на одржливото работење на интернетот во Русија во случај на надворешна закана за неговото функционирање. Особено законот предвидува воспоставување на национален доменски именски систем.

Според Воробјов, меморандумот, на кој се планира да му се придружат сите руски регистри на домени, ќе помогне да се воспостави унифициран пристап кон развојот на доменскиот простор, да се обезбеди сигурност во него и да се спротивстави на употребата на домени за нелегални цели.

-Најважното нешто во меморандумот е воведување на униформни услови во борбата против нелегалното користење на доменските имиња. Во КК има институт на надлежни организации кои идентификуваат случаи на употреба на домени за нелегални цели, по потпишувањето на меморандумот тој ќе стане задолжителен за сите свои учесници. Додека КК, од своја страна ќе ги обезбеди потребните алатки за сите руски регистри и акредитирани регистратори , –  рече Воробјов.

Проектот за прв пат беше претставен на форумот „Спектр-2019“ и веќе е испратен до сите регистри за усогласување, неговото потпишување е планирано по 1 ноември, кога ќе стапат во сила голем број законски одредби за одржливо работење на Рунет.

Нацрт-меморандумот ги утврдува главните цели, насоки и форми на интеракција и координација на активностите на регистрите во формирање на доменски имиња кои што ја сочинуваат руската национална доменска зона (.ru, .рф, .su, .moscow, .москва, .tatar, .рус, .дети). КК ќе ги координира основните принципи и насоки на активностите за формирање и развој на националната доменска зона.

Меѓу целите на меморандумот е да се обезбеди интегритет, континуитет, стабилност, одржливост и безбедност на функционирањето на руската национална доменска зона; промовирање на безбедноста на користењето на Интернетот и спречување на употребата на Интернетот и руската национална доменска зона за нелегални цели. Покрај тоа, цели на меморандумот се да се заштитат правата на корисниците на руската национална доменска зона, како и да се подобри правната регулатива во областа на интеракција и координација на активностите за формирање на руската национална доменска зона. (превод: Алина Гостовиќ)