Република Македонија во Руската Федерација до крајот на ноември лани извезла за речиси половина повеќе стока отколку во претходната 2015 година. Според податоците на Државниот завод за статистика во 11 месеци од мината година македонскиот извоз во Русија достигнал 44,164 милиони долари, што е за 48,2 отсто повеќе отколку во истиот период од претходната година кога е извезена стока за 29,799 милиони долари.
Во истиот период македонскиот извоз од големиот руски пазар опаднал за 12,6 отсто. До крајот на ноември македонските компании купиле руска стока во вредност од 128,309 милиони долари, додека во претходната година во овој период била потрошена сума од 146, 823 милиони долари.
Ваквите движења во трговската размена меѓу двете земји говорат дека 2016 година ќе биде завршена со поголема размена отколку година дена пред тоа.Имено, за 11 лански месеци вкупната трговска размена меѓу Македонија и Русија достигнала вредност од 172,474 милиони долари, или само 2,3 отсто помалку отколку една година пред тоа. За споредба, во 2015 година двете држави истргувале стока во износ од 176,623 милиони долари.
Инаку, според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија во светот, во периодот јануари-ноември 2016 година, изнесувал 4,364 милијарди САД долари и бележи пораст од 5.5% во однос на истиот период од претходната година.
Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 6,130 милијарди САД долари што е за 5.4% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Земено вкупно, до крајот на ноември Република Македонија остварила обем на трговска размена со странство во износ од 10,494 милијарди САД долари, при што е осварен трговскиот дефицит од 1,766 милијарди САД долари.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и облеката. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и електричната енергија. Во периодот јануари-ноември 2016 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.
Обем на размената, 01-11 2016 Покриеност на увозот со извоз
581 471 068 илјади денари 71.3 %
9 438 816 илјади евра 71.3 %
10 494 517 илјади САД долари 71.2 %
                                                                          С. Пејчиновски