Според оценката на менаџерите, индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во септември 2018 година е зголемен за 0.3 процентни поени во однос на август 2018 година и изнесува 20.6, а во однос на септември 2017 година, е зголемен за 2.3 процентни поени.
Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во септември 2018, во однос на август 2018 година е поповолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се поповолни во однос на претходниот месец, а залихите на готовите производи се зголемени во однос на август 2018 година.
Оценката за економската состојба на деловните субјекти во септември 2018 година е поповолна во однос на претходниот месец, а поповолна е и во однос на септември 2017 година. Се очекува бројот на вработени да се зголеми.
Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во септември 2018 година изнесува 68.1 % од нормалното искористување.
Најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството имаат следните фактори: недостигот на квалификувана работна сила со 25.5 %, недоволната домашна побарувачка со 16.1 %, недоволната странска побарувачка со 15.4 % и неизвесното економско опкружување со 11.3 %. (Државен завод за статистика)