Македонија и Русија имаат реални можности за соработка. Македонските компании имаат огромни можности за бизнис зделки на пазарот од 140 милиони потрошувачи. Иако постојат потенцијали, сепак, размената ниту по обемот, ниту по структурата не е на задоволително ниво. Ова беше посочено на шеста деловна средба на Македонско-руската стопанска комора што се одржа на 29.03.2011г.во Скопје. – Русија е пазар од 140 милиони потрошувачи. Големината е импозантна – со тоа и можноста за бизнис зделки. Трговската размена е доминантен облик на економската соработка меѓу Македонија и Русија, а Руската Федерација континуирано е меѓу првите 10 трговски партнери на земјата, рече вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески обраќајќи се на средбата. Тој посочи дека македонската страна во размената бележи висок трговски дефицит при што покриеноста на увозот со извозот не надминува пет отсто, што пак се должи на увозот на енергенсите без кој надворешно-трговската размена би била балансирана. Според министерот Ставрески, за да се намали дефицитот потребно е да се искористат компаративните предности на македонските компании во однос на потребите на рускиот пазар. – Русија е голем потрошувач на лекови, а истовремено и голем пазар за пласман на прехранбените производи. Македонската економија, од друга страна, има добар потенцијал во делот на хемиската индустрија, во производството на лекови и препарати, како и во производството и преработката на земјоделско-прехранбените производи. За да се поттикнат овие гранки, државата е подготвена да им помогне на фирмите за воспоставување соработка да формира дистрибутивни центри во Руската Федерација за македонските земјоделско-прехранбени производи, како и да помогне во нивната промоција преку саемски манифестации, изложби и слично, истакна министерот Ставрески. Тој информира дека во интерес на подобрување на конкурентноста на македонските производи на рускиот пазар, македонска Влада на последната седница на меѓувладината македонско-руска комисија ја афирмирала и инцијативата за потпишување договор за слободна трговија, што ќе придонесе без трошоци значително да се подобри позицијата на македонските производи на рускиот пазар. Министерот смета дека во интерес на унапредување на соработката е да се воспостават и стратегии за развој на транспортот, како и воспоставување директна авионска линија. Соработката во градежништвото, рече министерот Ставрески, бележи негативен тренд како последица на двојното оданочување на градежните работи кои се изведуваат подолго од 12 месеци, но и поради непризнавањето на банкарските гаранции од македонските деловни банки, што е неопходно при склучување инвестициски договори за настап на рускиот градежен пазар. За полесен пристап на компаниите од Македонија и Русија на двата пазари се разгледува и можноста за прифатливи билатерални инструменти на меѓудржавно ниво со карактер на бартер-аранжмани, а за да се одбегне двојното оданочување, како што рече министерот Ставрески, ќе се покрене иницијатива за измена на спогодбата меѓу Владата на Република Македонија и Руската Федерација. Тој посочи дека се потребни позначајни поместувања во секторот енергетика, во кој иако има поместувања со потпишување на Договорот за подмирување на клириншкиот долг. – Најавата за влез на руската компанија „Гаспром“, за реализирање на проектот „Гасификација на Република Македонија“ е исто така од особено значење за нашата земја. Соработката со рускиот гигант отвора повеќе можности меѓу кои и вклучување на Македонија во гасоводот „Јужен тек“, истакна министерот за финансии, додавајќи дека ова е значајно за Македонија и стопанството бидејќи освен што ќе се најде на мапата на европските енергетски крстосници, ќе се добие и евтин енергенс преку кој ќе се зајакне конкурентноста на македонската економија и ќе влијае позитивно врз економскиот развој. Од 1997 до 2008 година во Македонија се влезени 1,3 милијарди евра инвестиции од Руската Федерација. Сепак, министерот Ставрески истакна дека Македонија може да им понуди многу повеќе на руските инвеститори. Производство на автомобилски компоненти, информатичко-комуникациска технологија, земјоделство и инфраструктура, се стратешки сектори кои може да ги искористат инвеститорите од Русија за да го оплодат својот капитал, рече министерот Ставрески. Ваквите средби, како денешната, тој истакна дека не се само свечени сали и кристални чаши, туку се одлична можност да се види каде се наоѓаат постоечките бизнис релации и каде треба да одат во иднина. – Досегашната соработка е добра основа од која може да се тргне натаму. Постојат сите услови и двете страни да извлечат максимален бенефит од економските релации. Дополнително со долгогодишното пријателство меѓу Македонија и Русија шансите за успех при реализација на проектите се огромни, истакна министерот Зоран Ставрески. Амбасадорот на Руската Федерација Олег Николаевич Шчебрак, обраќајќи се пред присутните, рече дека двете страни ќе ги искористат потенцијалите за во 2012 година да се достигне размена од 1 милијарда долари. – Во насока на ваквата оптимистичка прогноза зборува и зголемената активност на македонскиот пазар од страна на крупните руски компании, рече амбасадорот при тоа набројувајќи ги инвестиции од 35 милиони долари на „Лукоил“, 50 милиони инвестиции од „Солвеј“ во рудниците Саса и Бучим, потоа 166 милиони евра инвестиции на „Синтез груп“ во изградбата на ТЕ-ТО, како и проектот што за реконструкција и модернизација на трите блока на РЕК битола што го работи „Силви машини“. Според него важна задача што треба да се направи меѓу двете земји е да се поправи огромниот трговски дебаланс, кој создава тежок дефицит за македонскта економија, како и диверзификација на рускиот извоз во македонија, структура која за жал во моментот повеќе од 90 отсто се однесува на јаглеродно енергенси. Тој истакна дека Руската Федерација е заинтересирана за изградба на гасоводниот систем во Македонија, во што е вклучено и порамнувањето на клириншкиот долг – се надеваме дека наскоро околу прашањата за реализација на првата фаза на проектот за гасификација ќе почнат и двостраните консултации. Сметаме дека и во однос на проектот за приклучување на Македонија кон „Јужен тек“ уште годинава двете страни се должни да најдат конкретно решение. Главен фактор, смета амбасадорот, за решавање на овие две важни задачи мора да биде остварување и развој на директни деловни врски меѓу бизнис заедниците на двете земји, како на федерално, така и на регионално ниво, притоа обезбедувајќи ефективна размена на информации за руските компании заинтересирани за работа на македонскиот пазар, исто така и на македонските компании подготвени за работа на рускиот пазар. – Не треба да се потценува солидниот потенцијал на руските региони, особено на оние кои се објективно заинтересирани за испорака на своето производство во вашата земја и оние кои се заинтересирани за увоз на македонските земјоделски производи. Амбасадата заедно со Македонско-руската стопанска комора веќе работи во таа насока и наскоро очекуваме во Скопје да пристигне бизнис делегација на Стопанската комора на Вологда, рече рускиот амбасадор во земјава. Тој смета дека силен и конкретен импулс на економската соработка ќе даде одржување нова седница на меѓувладината комисија до крајот на годинава во Македонија. Претседателот на Руско-македонската стопанска комора Ѓорѓи Дика, истакнувајќи дека постојат потенцијали за зголемување на соработката меѓу двете земји, рече дека рускиот пазар е заинтересиран за земјоделските производи и пијалоците. – Руските региони се вистински потенцијал за развој на економијата, рече Дика додавајќи дека постои интерес за прехранбените производи и пијалоците. Тој посочи дека 65 отсто од прехранбените производи на рускиот пазар се од увоз и оти тука може да се најдат македонските производи. Дика го посочи и проблемот што се јавува на рускиот пазар со македонски производи кои го губат идентитетот дека се од Македонија бидејќи се увезуваат во Русија преку други земји. Според него, поттик ќе даде и отворање канцеларија за лобирање кај потенцијалните руски партнери за создавање мешовити компании. – Русија може да биде вистински стратешки партнер на Македонија, истакна претседателот на Комората.